Сестрите Мифтари дадоа 17 гола, Чаир им се врати на победите

Само ден по европската елиминација, екипата на Чаир им се врати на победите и славеше во Супер женската лига.

Избраничките на Басри Љатифи го победија убедливо составот на Спартак со 36-23, а победата беше најавена уште по првиот дел, 18-11.

Во нападот доминираа сестрите Рона и Хана Мифтари, кои имаа главни улоги со 11, односно шест погодоци.

Уште на стартот Чаир поведе со 6-1 и даде до знаење каков тек ќе има овој дуел, а до крајот се чекаше само конечната разлика.

Во составот на Спартак, Зорица Андовска даде шест гола. Во следното коло Чаир ќе игра на гости кај Астибо, а Спартак ќе го пречека Куманово.