Поранешниот македонски првак Вардар по ангажманот на левиот бек Таида Беровиќ, донесе уште две ракометарки од Металург Автокоманда.
Станува збор за сестрите Ања и Мила Лашкоски, кои по настапите за Ѓорче Петров и за Металург Автокоманда, ќе заиграат за трет клуб од главниот град.
Ања играше за кадетската и младинската селекција на Европското првенство во Црна Гора и ги покажа своите квалитети, а Мила исто така е дел од репрезентативните состави во младинските категории.
Тие ќе играат и за првиот тим на Вардар, но и за кадетскиот состав, па ќе имаат шанса за минутажа на повеќе фронтови.
„Ања, која веќе настапи и на кадетското и младинското Европско првенство, покажа зрелост и борбеност што ретко се среќава на таа возраст. Нејзината посветеност и амбиција се доказ дека Вардар ја темели иднината во овие млади перспективни ракометарки. Станува збор за лево крило кое одлично игра во двата правци. На Европското првенство имаше одличен настап, беше избрана за МВП на натпреварот против Романија, одлична е и во реализација на седмерци. Заедно со нејзината сестра Мила, која исто така е дел од младинските репрезентативни селекции, овие две млади ракометарки претставуваат засилувања за нашата сениорска и кадетска екипа. Со нив и вчерашната промоција на Беровиќ, поголем дел од кадетската репрезентација на Македонија веќе е сконцентрирана во нашиот тим“, се вели во објавата на Вардар.
Ања и Мила се ќерки на поранешните македонски репрезентативци Рубин Лашкоски и Благица Паункова Лашкоска.
























