Со последните три натпревари од групите Д, Е и Ф беше спуштена завесата на четврттиот ден на ЕХФ ЕУРО 2024. Шведска и Данска рутински славеа над Грузија и Грција, а фантастичен натпревар повторно одиграа Фарските Острови кои овојпат во последните секунди освоија огромен бод против големата Норвешка.
Норвешка-Фарски Острови 26:26 (13:12)
Репрезентацијата на Фарски острови уште еднаш покажа дека добриот натпревар против Словенија и покрај поразот, не беше случајност. Малата островска земја излезе на мегдан со Норвешка и до самиот крај фајтерски се бореше и парираше на големиот противник. И покрај минималната предност која Норвешка ја имаше во најголемиот дел на првото полувреме, ракометарите на Фарските острови беа на чекор до нив, а на три мунути до крајот на првиот дел стигнаа до израмнување 12:12.
Израмнетата игра продолжи и во второто полувреме. До 50.минута Норвешка постојано водеше со еден гол позитива, а Фарски острови го израмнуваа резултатот. Во 52.минута Сагосен погоди за водство од 25:23, а по неколку промашувања на двете страни, Блонз реализираше седмерец за +3 (26:23). И кога се мислеше дека Норвешка конечно го скрши отпорот на упорните островјани, следуваше шок. Норвежаните водеа 26:24, но во последната минута Фарски Острови најпрво постигна погодок за минус еден, 26:25, на семафорот останаа уште десетина секунди а норвешкиот селектор повика тајм аут. Се што требаше да направат Норвежаните е да ја задршат топката десетина секунди, но не успеаа. Упорните ракометари на Фарски острови ја украдоа топката, тргнаа во контра но нивниот ракометар беше остро фаулиран по што беше досуден пенал кој што го реализира Скипаготу за сензационални и конечни 26:26.
Данска-Грција 40:28 (20:13)
За разлика од дуелот против Чешка, данските ракометари многу посериозно влегоа во овој натпревар па уште во првото полувреме се изборија за голема предност. Дамгард и Гитсел го торпедираа голот на грците, а Данска на полувреме замина со предност од 20:13. Во вториот дел иста слика, разликата во класи беше видлива на теренот, па на крајот Данците славеа победа од 40:28 ,обезбедувајќи го пласманот во следната фаза.Данска и Португалија во последното коло во меѓусебен дуел ќе одлучат кој ќе биде првопласиран во групата Ф.
Шведска- Грузија 42:26 (23:9)
Швеѓаните многу рано ги решија дилемите ако воопшто и постоеа на овој натпревар. Грузија парираше само во воведните пет минути, а потоа на теренот постоеше само репрезентацијата на Шведска. Во првото полувреме скандинавците броеја до 23 гола, а примија само 9. На овој тренинг натпревар швеѓаните го обезбедија пласманот во следната фаза, а последното коло и дуелот со Холандија ќе го дадат одговорот на која позиција ќе ја завршат групната фаза.