Сензација на Колстад среде Сегед, ПСЖ победнички низ Берлин

Во дерби дуелот од Лигата на шампионите во групата А меѓу Фуксе Берлин и ПСЖ, бодовите ги освои тимот на Гонзалез триумфирајќи со 40:38.

Првиот дел мина во голема борба, па така резултатот во првите 30 минути најчесто беше нерешен, со исклучок на воведниот дел, во кој домаќините тргнаа фуриозно и имаа предност од 5:2. Сепак, во преостанатиот дел двете екипи наизменично се менуваа во водство, а на пауза се замина со нерешено, 20:20.

Борбата продолжи и во вторите 30 минути, во кои подобро се снајде тимот на ПСЖ, кој во 48 минута, откако беше 29:29, успеа да дојде до 32:29, но Фуксе Берлин не се предаваше и во 50 минута израмни на 32:32. Во клучите моменти ПСЖ знаеше како да реализира и заслужено ги освои планираните бодови.

Следен предизвик за Фуксе Берлин ќе биде натпреварот со Динамо Букурешт во Романија, додека тимот предводен од Раул Гонзалез ќе го пречека Спортинг Лисабон.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1ПСЖ ХЕНДБОЛ650110
2СПОРТИНГ64119
3ВЕСПРЕМ54018
4ДИНАМО БУКУРЕШТ64028
5ФУКСЕ БЕРЛИН63036
6ВИСЛА ПЛОЦК61052
7ХК ФРЕДЕРИЦИЈА61052
8ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР50141

Екипата на Колстад на гостувањето во Унгарија кај ПИК Сегед дојде до втората победа во новата сезона, откако триумфираше со 29:27.

ПИК Сегед беше тимот кој од првата, па до 25 минута имаше резултатска контрола, водеше минимално. Норвешкиот шампион направи пресврт во финишот од првото полувреме и по негативата од 10:8 врза три гола во низа и дојде до 11:10 во 26 минута.

Гостинот ја задржа минималната предност и на полувреме замина со 12:11. За десет минути игра во вториот дел Колстад се одлепи на плус четири, 19:15, а до крајот домаќините никако не можеа да се вратат во игра.

Најзаслужен за победата на гостите беше голманот Торбјорн Бергерут, кој натпреварот го заврши со 14 интервенции. Предводник во нападот на Колстад беше Адриан Алберг со седум погодоци, во поразениот табор Марио Шоштариќ и Иманол Алустиза постигнаа по девет погодоци.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1БАРСА550010
2НАНТ64028
3АЛБОРГ63127
4ПИК СЕГЕД63036
5КЕЛЦЕ63036
6КОЛСТАД62044
7МАГДЕБУРГ51133
8ППД ЗАГРЕБ61052