Унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед доживеа непријатно изненадување и загуби на гостински терен кај составот на Ѓер со 35-33.
Новиот амбициозен проект во Унгарија предводен од довчерашниот член на ПИК Сегед, Деан Бомбач, кој даде шест гола, иако беше во негатива, успеа во финишот да се врати и да го шокира учесникот во Лигата на шампионите.
Покрај Бомбач, осум гола за Ѓер имаше Милош Божовиќ, а седум додаде искусниот Жолт Балог. Во составот на ПИК Сегед, Шоштариќ со 11 гола беше најрасположен за игра.
На табелата Веспрем е лидер со 40 бода, ПИК Сегед е втор со 34, додека Ференцварошт е трет со 33 и опасно се заканува во битката за втората позиција која води во финалето на плеј-офот.
Во Франција, исто така имаше големо изненадување, откако Нант загуби на гости кај слабиот Истр со 25-24. Сега Нант заостанува три бода зад лидерот ПСЖ, кој има 39 бода и на девет кола до крајот, тешко е да се надева на кикс на „светците“, па може полека да се збогува со титулата.