Пред утринскиот тренинг, селекторот на женската репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, ја изврши прозивката на ракометарките пред клучните битки за пласман на Европското првенство.
Грчевски ќе смета на 20 ракометарки за претстојните две средби против светскиот вицепрвак Германија и против Словенија.
Единствената промена со претходниот список е Сара Стефаноска од романскиот Залау, која играше на реваншот со Белгија и ја замени повредената Ивана Арсениевска.
Останатиот дел од ракометарките е добро познат, а за жал на средбите со Германија и Словенија одново нема да ја имаме на располагање Сара Ристовска, која е во процес на рехабилитација.
Македонија ја пречекува Германија на 8 април од 18:00 во СЦ „Борис Трајковски“, а потоа ќе и гостува на Словенија на 12 април од 18:00 во „Рдеча Дворана“ во Велење.
Нашите ракометарки со победата над Белгија во Куманово практично го верификуваа третото место во групата, што може да донесе пласман на ЕП 2026, а за тоа да се случи секој гол на двете средби ќе биде многу важен. За комбинациите околу евентуалниот пласман на континенталниот собир прочитајте ТУКА.









