Македонската кадетска ракометна репрезентација оствари убедлива победа над селекцијата на Црна Гора со 36-21 во пријателски натпревар одигран во Скопје, како дел од подготовките за настапот на следните Медитерански игри и Европското првенство 2026.
И покрај тоа што во составот недостасуваа неколку стандардни ракометари поради повреди и болест, избраниците на селекторот Горан Кузманоски покажаа сигурна и во најголем дел од мечот дисциплинирана игра. Стручниот штаб ја искористи оваа прилика и за проверка на четворица нови играчи, кои добија шанса да се наметнат во конкуренцијата за место во репрезентацијата.
За овие средби со Црна Гора на располагање ги немавме Петар Николовски, Димитар Симовски, Трајче Костов, Андреја Угреновиќ и Милош Стојановиќ. Затоа пак повикани беа Матео Костовски, Ангел Кленкоски, Христијан Ристов, Давид Аврамовски и Павел Велјановски.
Горан Кузманоски истакна дека ваквите контролни средби се од исклучително значење за развојот и напредокот на тимот.
„Потребни ни се вакви натпревари за подобро воигрување и сплотеност на играчите. Со секој нов меч тие се повеќе се запознаваат меѓусебно и полесно ги исполнуваат задачите. Црна Гора е силен тим и учесник на Европското првенство, што значи дека имаат квалитет и дека ваквите дуели ни се корисни“, изјави Кузманоски.
Тој додаде дека и покрај проблемите со ростерот, намерно дал шанса на неколку нови имиња, со цел да ја прошири базата на репрезентацијата.
„Имавме одредени проблеми со составот, но сакав да видам како ќе се снајдат новите играчи. Има уште ракометари кои заслужуваат повик, особено оние што настапуваат во странство на кои секако сметам во иднина, но во овој период сакам да дадам простор и на оние што играат во Македонија“, нагласи селекторот.
Кузманоски особено го истакна тимскиот пристап како клучен сегмент во развојот на оваа генерација.
„Ме радува што играчите се повеќе размислуваат како тим, а индивидуалните работи ги оставаат на страна. Така се гради колектив и се доаѓа до резултати“, додаде тој.
Кадетската репрезентација во иднина ќе има уште повеќе собири и контролни натпревари. Во април се очекува настап на Медитеранските игри, кои ќе бидат уште едно значајно искуство и подготовка пред Европското првенство што на крајот на јули и почетокот на август ќе се одржи во Србија.
Двете кадетски репрезентации на Македонија и Црна Гора ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, кој е закажан за утре, повторно во Скопје.
























