Со јасна визија и нова енергија, Целје Пивоварна Лашко влегува во новата натпреварувачка сезона. Главната новина доаѓа од клупата: за главен тренер на сениорскиот тим е назначен Клемен Лужар, долгогодишен член на клубот и еден од најзаслужните за успехот на младинските категории во последните години.
Откако го освои четвртото место во домашното првенство во Целје решија да направат „ресет“. Првпат во историјата на словенечкиот машки ракомет, Целје не е меѓу најдобрите три екипи на крајот од сезоната. Во борбата за трето место подобра беше екипата на Тримо Требње каде тренер беше нашиот Раде Стојановиќ.
Лужар, кој уште од младинските денови е поврзан со Целје – прво како играч, а потоа и како тренер – во последните пет сезони успешно го водеше младинскиот тим до 20 години и целиот развоен систем на клубот. Под негово водство, голем број талентирани ракометари направија преод во првиот тим и се афирмираа на највисоко ниво.
Освен работата во клубот, Лужар од 2023 година е и селектор на машката младинска репрезентација на Словенија до 20 години. Тоа му овозможува широка перспектива и директен увид во генерациите кои ја претставуваат иднината на словенечкиот ракомет.