Секој гол ќе биде злато вреден – eве како котира Македонија на патот кон ЕП!

Женската репрезентација на Македонија практично го обезбеди третото место на табелата во групата со победата над Белгија со 33-28, иако го загуби првиот меѓусебен меч со 26-25.

Покрај прво и второпласираните од шесте квалификациски групи, пласман на ЕП 2026 во Романија, Словачка, Турција, Полска и Чешка ќе обезбедат и најдобрите четири од шесте квалификациски групи.

Франција, Холандија, Германија, Шведска и Шпанија запишаа четири победи на четири меча досега и обезбедија место на ЕП 2026, па остануваат уште 11 билети за континенталниот собир.

Ако е за очекување дека Белгија ќе запише порази на мечевите со Словенија и Германија, тогаш Македонија ќе остане на третото место. Но во пресметката за најдобрите третопласирани ќе се бришат резултатите со последнопласираната селекција во групата, и ќе се сметаат само оние со прво и второпласираните во групата.

Македонија, како и уште четири други селекции, многу веројатно е да завршат без бодови во дуелите со првите и вторите селекции во нивните групи, па ќе се брои гол-разликата од тие четири средби.

група 1
Финска е сигурно трета, а досега има гол-разлика со Хрватска и Франција од -25. До крајот ќе игра уште дома со Хрватска и на гости кај Франција.

група 2
Италија е најверојатно трета бидејќи ќе има подобар меѓусебен дуел со Босна и Херцеговина. Досега Италијанките имаат -35 во дуелите со Холандија и Швајцарија. Во последните две кола ќе играат на гости со Швајцарија и дома со Холандија.

група 3
Македонија е најверојатно трета по подобриот меѓусебен скор со селекцијата на Белгија. Нашите ракометарки досега имаа -24 гол-разлика во дуелите со Словенија и Германија, а до крајот играме со бундес тимот дома и на гости кај Словенија.

група 4
Во оваа група се е отворено во битката за местата на ЕП, а третопласираната селекција (Фарски Острови, Португалија, Исланд) веќе има освоено бодови со Црна Гора, која ќе ја освои првата позиција, јасно е дека која и да биде трета ќе биде најдобра во споредба со сите други и ќе оди на ЕП.

група 5
Украина е сигурно трета по двете победи над Литванија. Досега Украинките имаат -19 со Шведска и Србија, а до крајот на квалификациите ќе играа со Шведска на некој неутрален терен и на гости кај Србија.

група 6
Во последната група Израел или Грција ќе бидат трети во групата, иако допрва треба да ги одиграат одложените меѓусебни дуели. Досега Израел има -25, а нашиот јужен сосед има -27 во двобоите со Австрија и Шпанија. Израелките треба да одиграат дома со Австрија и на гости со Шпанија, а Гркинките ќе се соочи дома со Шпанија и на гости со Австријките.

Подвлечено, Македонија ги има за конкуренти Финска, Италија, Украина и Израел/Грција во битката меѓу третопласираните селекции. Третиот од групата со Исланд, Португалија и Фарски Острови сигурно ќе оди на ЕП.

Нашите ракометарки ги чекаат дуели дома со Германија и на гости кај Словенија, па секој гол ќе биде злато вреден во битката за ново учество на ЕП.

Актуелна табела на третопласирани селекции:

1.Португалија 2
2.Украина 0 (-19)
3.Македонија 0 (-24)
4.Финска 0 (-25)
5.Израел/Грција 0 (-25/-27)
6.Италија 0 (-35)