Секогаш кога Вардар победува во Германија – освојува европски трофеј!

Вардар чекаше седум години да се израдува на победа на гостински терен во Германија во европско натпреварување. Со триумфот против Мелсунген од 34-25 македонскиот вицепрвак се пласираше директно во ТOП 8 екипите во Лига Европа, што е најдоброто остварување досега на македонски тим во ова натпреварување.

Трипати вардарци играа во четвртфиналето на ЛШ, еднаш беа полуфиналисти, а двапати победници на ЛШ. Во Купот на победниците на Куповите трипати стигнуваа до полуфиналето. Откако се воведе Лига Европа, ова е третпат да настапува Вардар, еднаш испадна во квалификациите, лани играше во групната фаза, а сега ја мина и групната и главната фаза и стигна меѓу осумте најдбри.

Ако се верува на традицијата, секогаш кога Вардар победувал бундеслигашки тим на гости, освојувал европски трофеи. Така беше двапати, во 2017 и 2019 година кога вардарци беа европски прваци.

Последен пат Вардар победнички се вратил од Германија на 6 февруари 2019 година кога во Лигата на шампионите го победи Рајн Некар. Таа сезона Вардар ја освои и Лигата на шампионите по вторпат триумфирјаќи во Келн на Ф4 турнирот.

Триумф во Германија имаше Вардар и во 2017 година, но против Фленсбург, 26-24 и таа сезона повторно „црвено-црните“ триумфираа во Лигата на шампионите, освојувајќи ја првата европска титула.

Сезонава двапати играше со Мелсунген, и двапати го победи, и дома и во гости, а лани триумфираа дома против истиот тим во групната фаза од Лига Европа.

Сега „црвено-црните“ ќе ги скокнат осминафиналните натпревари и ќе чекаат ривал, а тоа ќе биде подобриот од двомечот меѓу Елверум и Монпелје. Победникот од четвртфиналето ќе оди на Ф4 во Хамбруг на крајот од мај месец. На првиот четвртфинален меч Вардар ќе гостува, а реваншот ќе го игра на домашен терен.