Дебитантот во Супер лигата, тимот на Ворец ФЛ, го совлада Радовиш со 31:24 (15:9) во 2. коло од плеј-аут фазата и со освоената победа сега има три бода на своето конто, додека радовишани остануваат на нула.
Домаќините ја стекнаа предноста од плус шест на полувреме со одличната игра во периодот од 15-та минута до крајот на полувремето. Откако Радовиш заостануваше за гол-два, дебитантот во 20-та минута го зголеми водството на плус пет, 11:6, што беше сигнал дека радовишани ќе мора да заиграат поангажирано, и во нападот, и во одбраната.
Миланов и Гуедеш знаеја да погодат кога беше најпотребно, додека искусните Адамовиќ и Илиев беа целосно запрени од страна на домаќините. Борец ФЛ на полувреме замина со предност од 15:9 и фуриозно го започна вториот дел.
За само десет минути игра во второто полувреме, домаќините ја зголемија предноста на 21:11 и до финишот имаа стабилна контрола. Радовиш веќе во последниот период како да крена раце од натпреварот и му дозволи на ривалот да ја одржува стекнатата предност.
Прво име во победничкиот тим беше Марио Миланов, кој зад своето име запиша 12 погодоци. Ивица Илиев со седум реализации беше најефикасен во поразениот табор.
Борец ФЛ во следното коло ќе гостува во Скопје кај Пролет, додека Радовиш на свој терен ќе ја пречека Струга.