Ракометарите на Охрид прославија лесен триумф против Куманово со 37-17 што беше шести за „гладијаторите“, додека црвениот аларм кај гостите одамна е запален, а сега го доживеаја седмиот пораз по ред.
Стартното водство на домашните со 10-0 јасно стави до знаење каков ќе биде текот на натпреварот, кој се претвори само во броење на погодоците. Првиот гол на кумановци беше дело на Димевски по 14 минути игра.
Охриѓани по првиот дел имаа плус 12, 18-6, а во второто полувреме и покрај ротациите, домаќините не попуштија во темпото и до крајот само ја зголемува разликата во нивна корист.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Лиапис и Ѓукиќ со по седум погодоци, а Савревски даде пет гола. Голманот Ѓорѓески имаше десет интервенции, додека Блажески во финишот запиша три одбрани од четири упатени шута.
Кај Куманово само Цековски отскокнуваше со шест гола, а голманите Михајловски и Трајковски имаа седум одбрани. Во следното коло Охрид гостува кај Бутел Скопје, додека Куманово ќе го пречека Тиквеш.
























