Еурофарм Пелистер ја одбрани шампионската титула, раководството на федерацијата пак го немаше во Битола
1.Минимизирање на шампионот
Еурофарм Пелистер е старо-новиот шампион на Македонија. Но ако некој случајно се информира од официјалната страница на македонската национална федерација, ќе треба малку да почека. Шампионот се процесуира два дена по освојувањето на титулата!
Мислиш пилјара е, па не работи во недела. Дури ни кога е во прашање прогласување на шампионот што по логика на нештата, треба да биде најважниот момент во сезоната. Впрочем, затоа и се играат лигите и првенствата во кои екипите се борат за титулата, најуспешниот на крај ја освојува и така се заокружува сезоната. Звучи како прирачник за почетници, ама доаѓа некако природно да се појасни кога случајно или намерно ќе се изместат работите.
Го немаше ни највисокото раководство на националната федерација да го круниса шампионот во Битола. Ни лани, ни годинава. А го имаше на прогласувањето на победниците во Купот проследено со близу 70 фотографии и на прогласување на најуспешните во помладите категории, но не и на официјалното прогласување на шампионот на Македонија! Не е потценување на ниеден успех, но сепак има ранг.
Замислете Видерер да му го препушти прогласувањето на шампионот во Келн на некој член на УО, оти не му е по ќеф Барса или Кил или Алборг или Магдебург! Не оди некако по важност и по хиерархија, нели?
Така некако му доаѓа и прогласувањето на шампионите на национално ниво. Кај нас две години по ред минимизирано со испраќање на пехарот и на медалите за шампионот преку „дежурниот“ член на УО, специјализиран за Битола и сите „незгодни“ терени во Македонија. И проследено со точно 3 реченици во оскудната честитка на официјалната страница на РФМ на социјалните мрежи. Шампионот Еурофарм Пелистер и победникот во Прва лига, Бисинов Фруит Ленд добиваат ист простор и третман – по 3 реченици без слика. Толку.
И после, зошто имало критики од јавноста и нетрпеливост од публиката. Е па ќе има се додека личната нетрпеливост е над националните интереси, а националната федерација и националниот шампион функционираат како клин и плоча.
2.Битола си ја прослави титулата
Било по волја или не, Еурофарм Пелистер со победата над Алкалоид во последната пресметка ја одбрани шампионската позиција, запишувајќи ја осмата титула во клупската историја, втора во серија, прва шампионска во тренерската кариера на Бранислав Ангеловски и прва капитенска за Филип Кузмановски.
Доволно причини за голема радост во Битола и прослава на новата титула со полна сала и со голема фешта.
Одбраната на шампионската титула ја прави успешна помалку турбулентната сезона во која битолскиот тим на сред сезона имаше тренерска смена и настап во Лигата на шампионите без освоен ниеден бод. На домашна сцена, Еурофарм Пелистер потфрли во Купот и по поразот од Алкалоид во финалето остана без посакуваната двојна круна, но успеа да ја одбрани шампионската.
Во суперлигашките пресметки, Еурофарм Пелистер беше доминантен речиси во текот на целата сезона. Скалпот на шампионот сезонава во првенството успеа да му го земе само Вардар. И тоа два пати – еднаш во регуларниот дел од сезоната и уште еднаш во плеј-офот. На крај, сепак недоволно за да го симне од тронот.
Вардар ја освои вицешампионската титула и отиде чекор напред во однос на ланскиот шокантен пад на третатат позиција.
Алкалоид пак во шампионатот отиде чекор подолу и падна од вицешампионската позиција, но „се извади“ со историски триумф во Купот.
Четворката што обезбедува пласман во европските купови за претстојната сезона ја комплетира Охрид, кој предводен од Стевче Алушовски сезонава забележа голем подем.
3.Ракометот без нив нема да биде ист
На меѓународна сцена завршува една исклучителна ера. Ерата во која Никола Карабатиќ стана синоним за овој спорт.
Францускиот репрезентативец со балкански корени, во Париз стави крај на две и пол децениската кариера. Крајот на кариерата Никола Карабатиќ го прослави со шампионска титула со ПСЖ во Франција, последна во неверојатната колекција во која, меѓу другото, има и импозантни 22 клупски шампионски титули од последните 23 сезони во Франција, Шпанија и во Германија, 3 титули во Лигата на шампионите, 3 титули олимписки шампион со репрезентацијата на Франција, по 4 шампионски титули од светските и од европските првенства и 3 признанија за најдобар играч во светот прогласен од Меѓународната ракометна федерација.
Второто големо збогум беше во Будимпешта. На Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во женска конкуренција, крај на клупската кариера стави вонсериската Стине Офтедал. Извонредната Норвежанка се збогува во голем стил – со шампионска титула со Ѓер и со МВП признание на завршниот турнир во ЛШ.
Најдобрата ракометарка во светот во 2019 година, се одјавува од ракометните терени со 3 титули во ЛШ освоени со Ѓер, со 5 шампионски титули од европските и 3 од светски првенства со репрезентацијата на Норвешка и со 3 олимписки бронзи на кои летово може да додаде уште еден олимписки медал во прошталниот репрезентативен настап на ОИ во Париз.
Без вакви играчи, ракометот веќе нема да биде ист.