Додека судиите гледаа „ВАР“ по македонски, Алкалоид се мачеше да даде гол, a Охрид славеше хит победа која носи нов бран неизвесност и нови математики во суперлигашкиот плеј-оф
1.Охрид го победи Алкалоид
Секое коло – ново изненадување во македонскиот суперлигашки плеј-оф во кој по четвртиот круг падна и Алкалоид и веќе нема непоразена екипа. Ако Раде со Тиквеш беше хит на претходната седмица, за оваа на прво место дефинитивно, избива Аљуш со Охрид.
И додека „Лихнида“ весла на најјако во прослава на победата во „Билјанини извори“, Битола трие раце и си ја потпевнува шампионската песна.
Падот на Вардар во Кавадарци беше своевидно изненадување во претходното коло, синоќешниот пораз на досега непоразениот Алкалоид во Охрид е уште поголемо. Победата на охриѓани става крај на серијата на вицешампионот од 17 победи по ред сезонава и носи нов бран неизвесност и нови математики во суперлигашкиот плеј-оф. Шампионот Еурофарм Пелистер сега му бега два бода на вицешампионот Алкалоид, а Охрид избива на третата позиција, сега веќе со реални шанси да ја заврши сезоната во водечката четворка и да обезбеди настап во европските купови.
„На вистински пат сме да ја оствариме целта“ – ќе рече Стевче Алушовски од позиција на прв стратег на клупата на Охрид.
На патот за излез во Европа, Охрид одигра „европски, модерно, со добра транзиција“ и го надигра вицешампионот.
Впрочем, нијанса недостасуваше Охрид да направи сензација и минатата недела на гостувањето кај Еурофарм Пелистер во Битола. Нијанси одлучуваа и на оној натпревар во Автокоманда кога Алкалоид во последен момент извлече минимална победа против Тиквеш…Алушовски очигледно, добро ги посложил позитивните и негативните работи од претходните дуели, „ја прочита“ тактиката на другата страна, го искористо своето искуство и на крај победи.
2.Добар голман – пола екипа
Освен добрата тактичка подготвеност и искуството на Стевче Алушовски на клупата, друг клучен фактор во победата на Охрид беше голманот Даниел Ѓорѓески. Некогаш надежниот репрезентативен голман од кого македонските селектори можеби и прерано се откажаа, се потврдува како добар потег на Охрид и еден од клучните играчи кои прават разлика во играта.
„Ако сакате да сте во врвот, мора да победите некој од фаворитите, а ние денеска тоа го остваривме и нема тука да застанеме“ – истакна Ѓорѓески по можеби најважната победа на Охрид сезонава.
Неговите 14 одбрани, добро поставената игра во одбраната и 14 погодоци на левото крило Гал Цирар беа победничка комбинација за тимот на Охрид. Алушовски го стави тежиштето на нападот на левата страна од која Цирар на крило и Сафранко на бек успешно поентираа постигнувајќи речиси половина од головите од игра што ако се соберат и седмерците на Цирар носи вкупна бројка од 21 погодок од вкупните 30.
На другата страна, Алкалоид не успеваше подеднакво ефикасно да ги искористи одбраните на Иван Галевски, не успеваше да најде решение за одбраната и на моменти вицешампионот изгледаше како да е затекнат од ситуацијата.
Затекнати од ситуацијата во еден момент се најдоа и интернационалните судии Митревски и Тодоровски кога една нејасна ситуација пред крај на натпреварот ја прегледуваа на телефонот од делегатот. А додека тие се справуваа со ВАР системот на македонски начин, „Лихнида“ со кајчето веќе сврте два круга во „Билјанини извори“ и ја загреа победничката атмосфера.
3.Потенцијал има, ама нешто не штима
За разлика од атмосферата на неделното суперлигашко дерби, многу потивко деновиве помина настапот на женската репрезентација на Македонија во двомечот со Шпанија во втората фаза од квалификациите за ЕП 2024. Додуша, ни играта на македонската селекција, ни резултатот колку и да беше тој очекуван, не оставија нешто многу простор за забава кај и така малубројната публика на првиот натпревар во Скопје.
Шпанија е прв фаворит во групата и се покажа како изразит фаворит и во дуелот со македонската репрезентација. Можеби тој факт во комбинација со фактот дека и без разлика на резултатот од овие два натпревари, Македонија и понатаму останува со реални шанси да избори пласман на ЕП 2024, влијаеја на играта на македонската репрезентација, особено на првиот натпревар во Скопје. Но, никако не смее да биде оправдување за дури 21 техничка грешка. Ниту пак една сениорска репрезентација или ако сакате, национална селекција на најдобрите, може и смее да си дозволи да излезе на терен пред домашна публика колку само да помине на редот.
И селекторот, според интервјуто по натпреварот, да биде задоволен од одиграното! Кога речиси секој кадар од трибините јасно покажува каков бил настапот дури и кога резултатот е ставен во втор план.
За среќа, вториот натпревар во Шпанија и покрај поразот, за нијанса ја поправи малку сликата, особено во првото полувреме.
На македонската репрезентација сега и останува да освои најмалку еден бод од завршните два дуели со Азербејџан во гости и со Литванија дома за после 12 години конечно да избори пласман на големо натпреварување. И што е можеби уште поважно, да не остане само на тоа. А тука веќе нема простор за импровизација.
Генерално, останува впечатокот дека потенцијал има, ама стално има и нешто не штима.