Во уште едно драматично финале на Ф4 во Келн, Барса освои рекордна 12 титула, големиот Микел Хансен се одјави со завршниот шут во пречка, а Начевски и Николов ја комплетираа исклучителната судиска колекција
1.Последниот шут на Микел Хансен
Драмата во Келн е задолжителна. Веќе не е исклучок туку традиција оние последни секунди во „Ланксес Арена“ да стават белег на целата сезона во ракометната Лига на шампионите. Некогаш и на цела кариера.
Последниот шут на Микел Хансен во годинешното големо финале на Ф4, можеше да ја смени историјата, барем кога е во прашање легендарниот дански ракометар. Некои овој момент ги потсети на 2017 и на златниот гол на Иван Чупиќ за првата титула на Вардар во Келн. Некои на оној легендарен гол што и донесе победа на Данска против Русија на ОИ 2008 со кој тогаш 20-годишниот Микел Хансен речиси од идентична позиција се најави на големата сцена.
Но, Хансен овој пат немаше среќа. Шутот преку блок за продолжение на големото финале заврши во пречката. Барселона ја освои рекордната 12 титула, Алборг остана за гол покус во второто загубено финале во Келн, а Хансен се одјавува без единствениот трофеј што му недостасува во исклучителната кариера во која има сè, само титула од ЛШ не.
Кој му е виновен што не дојде во Вардар кога можеше, ќе речат вардаровите навивачи, задолжително дополнето со онаа легендарна „закачка“ – Бутин со титули во ЛШ „го шие“ Хансен, која ете, останува да важи засекогаш.
Но, не е само Микел Хансен во тоа друштво. Без најпрестижниот клупски трофеј во кариерата се и еден Ивано Балиќ и Магнус Висландер. Или, точно девет ракометари што биле прогласени од ИХФ за играчи на годината, најдобри во светот, никогаш не освоиле титула во ЛШ! Од нив само најмладиот Матијас Гидсел има шанса да го оствари тоа во иднина, другите се или одат во пензија.
Хансен сепак, не се откажува.
„Ќе продолжам да го ловам тој сон во друга улога“ – најави Данецот во Келн.
2.Достојни на задачата
Наспроти промашениот последен шут на Микел Хансен, кој некако остави специфичен белег, на годинашниот ракометен спектакл во Келн како раритет вреди да се одбележат и неколку единствени достигнувања.
Барселона се врати на европскиот трон со рекордна 12 титула, недостижна и супериорна во својата големина, со нова ракометна младина во славниот дрес.
Тренерот на Барселона, Антонио Карлос Ортега, своевремено и несуден македонски селектор, има дури седум титули во Лигата на шампионите, пет како играч со златната генерација на Барса и две како тренер на каталонскиот тим. Во победнички дух, и на седмата титула и се израдува како да му е прва.
Мелвин Ричардсон пак, од Келн носи две нови титули во богатата семејна колекција. Синот на прославениот Џексон Ричардсон стана првиот десен бек со МВП титула од Ф4 во Келн. На 27-годишна возраст, Ричардсон помладиот има три шампионски титули во ЛШ освоени со два клуба – една со Монпелје, две со Барселона и престижно МВП признание.
За нас посебно важно и значајно, судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов беа достојни македонски репрезенти на големото финале во Келн. На висина на задачата го водеа мечот за титулата и ја комплетираа исклучителната ракометна „грен-слем“ колекција со отсудено финале на европско првенство, светско првенство, Олимписки игри и сега финале во ЛШ. Достигнување за почит!
За Наче и Славе – „шапо“ како што велат Французите.
3.Нема веќе „двојки“ во Суперлига
Од „Ланксес Арена“ во Автокоманда и од Ф4 во ЛШ до суперлигашки бараж е големо спуштање, знам, ама сепак е момент што треба да се спомене во заокружувањето на седмицата. И поради голот со кој Здравко Постолов во стилот на Елохим Пранди, или повеќе во стил на Микел Хансен само под пречка, му донесе победа на Радовиш за враќање во Супер лига. Но и поради новиот поредок во новата македонска Супер лига конечно вратена во „нормален“ формат со оптимални 12 наместо досегашниот гломазен со 16.
Со голот на Постолов во последните секунди, Радовиш во баражот славеше победа над Еурофарм Пелистер 2 и обезбеди настап во Супер лигата, а битолската „двојка“ ја испрати во Прва лига.
По преселбата на Еурофарм Пелистер 2 во Прва лига и претходно со отпаѓањето на „двојката“ на РК Алкалоид, Мулти Есенс во суперлигашкиот плеј-аут, од следната сезона во најсилната македонска лига нема веќе ниеден клуб со два тима во највисок ранг на натпреварување.
Прашањето за тоа дали е реално и оправдано во највисок ранг да играат два клуба кои формално се различни субјекти, а фактички имаат ист газда, беше отворено уште пред неколку години кога дури три суперлигаши (Вардар, Металург и Пелистер) имаа „двојки“ во Супер лигата. Тогаш Вардар јуниор и Металург 2 се преселија во Прва лига, а Пелистер 2 остана суперлигаш со посебна клаузула заради „битолската платформа“. Лани „без клаузула“ како првопласиран во Прва лига, во широкото суперлигашко друштво влезе и Мулти есенс.
По потреба растегливиот и до крај недефиниран став за „двојките“ во највисок ранг, за следната сезона се реши „по природна селекција“.
За понатаму ќе видиме кој став ќе се тера во иднина. Од досегашната практика, сѐ зависи од ситуацијата и од клубовите.