Женската ракометна репрезентација на Македонија ја одработе ЕХФ неделата ептен редуцирана
1.Добро за мотивација, лошо за перцепција
Во редуциран состав и со противник по мерка, женската ракометна репрезентација на Македонија ја одработе ноемвриската недела на ЕХФ резервирана за репрезентативните активности. Собирот беше заокружен со двете убедливи победи против репрезентацијата на Велика Британија, резултатски успешно, во победничка серија, со насмевки на лицето и „во добра атмосфера“
Тоа е убавата поширока слика која добро се надополнува на двете квалификациски победи од минатиот месец и успешниот старт на македонската селекција со новиот стручен штаб во новиот циклус квалификации што беше чекор напред и пофален успех. Двата контролни натпревари со Велика Британија пак, дојдоа добро за подигнување на самодовербата и за стекнување искуството, „на сигурно“, без ризик дека „противникот може да не изненади“. Без да се потцени победата и заложбата на девојките, чесно си ја одработеа секоја минута, сепак, добро се знае каде котира Велика Британија на ракометната мапа, не игра дури ни во квалификации. И нема многу да ни биде од полза изместен фокус и нереална слика дека Македонија без проблем победува со 18-19 гола разлика и тоа само со ракометарки од домашната лига, без интернационалки, па дури и без селектор. Уште помалку што следно во квалификациите, на крај на февруари и почеток на март, доаѓа двомечот со Шпанија. Без разлика што двете победи над Азербејџан и Литванија во првите два натпревари, широко ни ја отвораат вратата за пласман на ЕП 2024, прво што ќе се игра во новиот проширен формат со 24 учесници наместо досегашните 16, па шанса да заиграат на ЕП добиваат и второпласираните и четирите најдобри трети во квалификациските групи.
Оттаму, кога ќе се зумира сликата од собирот на македонската репрезентација во неделата на ЕХФ меѓу двете квалификациски рунди, неколку делови остануваат со прашалници, заматени и малку нејасни.
2.Зошто редуцирано, кога може комплетно?
Првиот прашалник, па и чудилник е за отсуството на в.д. селекторот Кристијан Грчевски од собирот на репрезентацијата. Грчевски го соопшти(л) списокот (барем така беше објавено), а потоа наместо селекторот, репрезентацијата на тренинзите и на двата контролни натпревари со Велика Британија ја предводеа Едуарда Аморим Талеска и Ања Алтхаус, асистентки тренери на селекторот во стручниот штаб што беше именуван од УО на РФМ на 15 септември годинава. По само една акција и тоа успешна, на стартот од квалификациите минатиот месец, стручниот штаб веќе на следниот собир е редуциран.
Можеби отсуството на в.д. селекторот било оправдано во РФМ, но јавноста не доби информација. А бидејќи во Член 35 од Правилникот за државните ракометни репрезентации на Македонија во кој се пропишани активностите што ги извршува селекторот, меѓу другото стои и дека тој „стручно ги води тренинзите и натпреварите на репрезентацијата“, објаснување каде е селекторот додека репрезентацијата е на собир, мора да има. Во спротивно, РФМ не си ги почитува сопствените правила.
Да, Дуда е супер позитивен лик и зад себе има исклучителна играчка кариера и можеби е супер како заменичка на в.д. селекторот и супер си ја врши работата, само што РФМ во Правилникот пропишуваат дека еден од условите за селектор на сениорска репрезентација е „да има забележителни резултати со работата со прволигашки екипи“. Колку и да е правилото формално и се однесува за избор на селектор, а еднаш веќе беше и ексклузивно прекршено, со отстапката за Кире Лазаров, ама со акламација одобрено од јавноста капитенот да стане селектор па после тренер, сепак тоа стои запишано. И сигурно не е баш толку небитно бидејќи одредува кој може да води сениорска репрезентација во Македонија.
Па или додадете „не важи за легендите“ или бришете го условот од Член 36 во Правилникот. Ова третото – правилото си стои, ние си тераме како ќе ни дојде, кому му е гајле, ич не личи за сериозна национална федерација со предзнак најуспешна.
Вториот прашалник од собирот на женската репрезентација на Македонија во неделата на ЕХФ е одлуката на в.д. селекторот или на стручниот штаб, собирот да биде во редуциран состав, само со ракометарки што настапуваат во домашното првенство без интернационалки. Зошто?! Кога во недела на ЕХФ сите играчи се ослободени од клупските обврски, а за македонската женска репрезентација, посебно, секоја акција е драгоцена во обид да се придвижи од мртвата точка!
Дали имаме толку широк ростер па може да си дозволиме да го редуцираме?
Дали репрезентативките се толку преморени од клупските настапи, па ги одмораме за репрезентација?
Или, можеби други приоритети се ставени пред приоритетот на националната репрезентација?
Одговорот за стратегијата зошто ние во ЕХФ недела се собираме редуцирани кога може да бидеме комплетни, а со домашни да се собираме во другите слободни термини, верувам ќе побара и УО во извештајот од овој собир.
Или можеби ќе биде доволна само оценката дека „целата недела беше позитивна и ќе продолжиме со работа“? Или дека „по двете победи сите си заминуваме со насмевки“. Ќе видиме.
3.Што сторивте со децата?
Изминатава недела актуелниот селектор на македонската женска репрезентација го немаше на видик, ама затоа поранешниот одново беше и виден и чуен во свој елемент.
Дисциплинската комисија на РФМ на поранешниот македонски селектор Љубомир Савевски, сега тренер на младинската екипа на Алкалоид, му изрече забрана за настап на пет натпревари поради „грубо и неспортско однесување за време на натпревар“.
Савевски „го прекрши“ правилото од Член 112 во Дисциплинскиот правилник на натпреварот на кој младинците на Алкалоид во Автокоманда беа поразени од „братскиот“ Мулти Есенс (40-21), а тренерот познат по својот темперамент, викаше по судиите, па доби опомена, исклучување, црвен и на крај и син картон што од клупата го пресели на трибините, а потоа го стави на дневен ред и кај Дисциплинската комисија.
Уште еден излив на бес и нервоза од тренер на младите категории во Автокоманда. А, само што се подзаборави инцидентот и скандалот со тренерот што ги „тостираше“ децата што ќе погрешеа.
И уште еден лош пример за младите ракометари и за репутацијата на клубот во кој се прокламира ред и дисциплина.
Да биде трагедијата поголема, инцидентот во Автокоманда не беше и единствен неделава пред очите на најмладите играчи.
Во женската кадетска лига прекинат беше натпреварот меѓу Илинден Вардар и Чаир откако гостинската екипа на три минути пред крај реши да го напушти теренот незадоволна од судиските одлуки. Тренерот на Чаир, Даниела Миноска, за повлекувањето на екипата, од Дисциплинската комисија на РФМ доби пет натпревари суспензија, а Чаир парична казна и одземен бод.
Децата пак, добиваат трауми од нервозни тренери и судиски грешки, стравови и стресови од спортот што треба да им биде страст и уживање.
Намалете малку со притисокот.