Еурофарм Пелистер конечно ќе го добие тоа што му недостасува – домашен, автохтон лидер на екипата што ќе знае и ќе може да направи разлика.
1.Двојна шанса
Филип Кузмановски се враќа во Битола. Еурофарм Пелистер успеа да го победи предизвикот на Бундес лигата, а и домашната конкуренција што го посакуваше репрезентативниот бек во своите редови. Тоа е вест на неделата или трансфер бомбата што богами, добро одекна. Иако „фитиљот на намерата“ на Еурофарм Пелистер беше запален уште од поодамна и не беше непознато за јавноста дека го сакаат Кузмановски назад во своите редови.
А, Филип Фитиљот пак ја загреа родната Битола и надежта дека со него Еурофарм Пелистер конечно ќе го добие тоа што му недостасува – домашен, автохтон лидер на екипата што ќе знае и ќе може да направи разлика. Играч што знае што со топката, но и како со соиграчите и со публиката. А, публиката го сака затоа што Фитиљот е играч што има храброст да повлече, не се „распаѓа“ на прва ако не успее и на свој непосреден начин се носи и со славата и со критиката.
Филип Кузмановски за мене отсекогаш бил еден од најхрабрите и најпозитивни ликови во македонскиот ракомет. И верувам, таков и ќе остане, во новата улога во битолскиот и во стандардната улога во националниот тим.
Не се правеше јунак и не се срамеше да признае дека нозе му се тресат прв пат кога заигра за сениорската репрезентација. Кога беше „небрусен дијамант“ во Металург велеше – ќе успеам. Кога блесна на првото европско во 2016 со конци на аркадата и кога менаџерите за прв пат го чекаа „во заседа“ во хотелот во Краков, со насмевка велеше – ќе бидам уште подобар. Кога од Металург се врати во Битола и малку „се опушти“ чекајќи виза за Германија, па го критикувавме дека од подот не може да се одлепи, велеше – ќе се оправам, ќе бидам подобар. И успеа. Кога го задеваа за германскиот во првата бундеслигашка сезона, со насмевка врати – ќе го научам и ги замолкна.
Тој знае да го понесе товарот и да ги истрпи прозивките неретко и нереални, но и да крене глас кога другите молчат. Храброст што ја има само оној што е лидер по природа.
Помина речиси четири сезони во Бундес лигата, играше во три клуба, но освен во еден период лани во Хановер, не се наметна и не доби минутажа како што посакуваше. И слично како и со Филип Талески пред некоја година, и за Филип Кузмановски тука е можеби и главната причина што реши од Бундес лигата да се врати во Македонија и да продолжи во дресот на Еурофарм Пелистер во родната Битола. Се разбира, поткрепено и со сигурно добра понуда.
2.Мерцедес или Ферари, битно моторот да влече
Така Еурофарм Пелистер доби сега веќе искусен играч што може да направи разлика на дефицитарната бековска позиција и плус да биде носечки столб на домашната база и драгоцено засилување во одбраната на титулата во суперлигашкиот плеј-оф.
Кузмановски, пак, дома добива улога и позиција што ја немаше во Германија, настап во ЛШ и сигурно и многу поголема минутажа на терен што во перспектива, ќе биде плус во неговата кариера.
Битолската вин-вин ситуација веќе во среда може да се стави во функција пред домашната публика.
Македонскиот шампион го пречекува ПИК Сегед во возвратниот меч, во рамките на 8.коло од Лигата на шампионите. Играта на пелистерци на дуелот во Унгарија, особено во првиот дел додека не го разбранија Миклер, влева надеж дека македонскиот шампион во дебитанската сезона во ЛШ, сепак може да „мрдне“ од нулата.
Не ја сфатив баш до крај споредбата на битолскиот тим со релативно млад состав и втора реконструкција на четврт сезона, со стариот мотор на Ферари и Мерцедесот со стари гуми, ама нејсе. Верувам дека Кузмановски може да биде нов мотор, па да тргне битолското Ферари или Мерцедес, што и да е. Ако не се сплеткаат механичарите со измените во пит-стопот.
Вицешампионот РК Алкалоид пак во европските настапи си има мака со седмерците. Колку што беше Кире Лазаров мајстор од седум метри и сигурен реализатор, толку сега неговите играчи се несигурни на линијата. Можеби помалку и „блокирани“ од тенденцијата да бидат исти како него. Пет промашени седмерци против скандинавски противник како Силкеборг сигурно беа битен фактор за вториот пораз на РК Алкалоид во третиот натпревар од групната фаза во Европската лига одигран на домашен терен, но пред скромна публика.
Полн прес – празна сала малку е невообичаена комбинација. Или малку промашена стратегија во дебитантската европска сезона на македонскиот вицешампион. Но, сѐ се учи од искуство.
3.Четири од четири со 40+ за ѓорчепетровки
Last but not least! Победничката серија на ракометарките на шампионот РК Ѓорче Петров доаѓа на крај, но резултатски е најбитен момент во изминатава седмица. Ѓорчепетровки и во реваншот на домашен терен беа шутерски расположени и доминтни против белгискиот Ојпен и втора сезона по ред обезбедуваат пласман во осминафиналето во Европскиот куп.
Избраничките на тренерот Симе Симовски сезонава имаат импресивна серија од четири победи во сите четири одиграни натпревари во Европскиот куп и сите со над 40 постигнати голови. И е единствена екипа од сите македонски претставници на европската сцена со максимален учинок.
По триумот над Ојпен во гости со 45-39 и во синоќешниот реванш во Скопје со 48-36, ѓорчепетровки со вкупно 93 погодоци, влегуваат во осминафиналето од Европскиот куп како најефикасна екипа. Уште едно постигнување за почит и за поттик.
И што е уште поважно, зад бројките и победите на ѓорчепетровки стои компактна игра и добро подготвен тим во кој е видлив напредокот на младите македонски ракометарки.
Убав пример дека и тука може, но и силен мотор што го влече напред македонскиот женски ракомет.