Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска заминува на ЕП 2024 во Германија
1.Предизвикот на 13-та
Ден по Божик со оваа навивачка желба ја испраќаме машката ракометна репрезентација на Македонија на ЕП 2024 во Германија.
„Дај Боже да се деси чудо и да одиграме лудо…“ – напиша некој од навивачите кои не се откажуваат ни од македонската репрезентација, ни од надежта дури и кога групата е пеколна, противниците страшни, а Македонија во дооолга преодна фаза.
Не се откажуваат навивачите ни од јануарската ракометна треска, иако веќе подолго време не нѐ затресла онака тектонски како порано. Свесни за реалноста, но потсвесно желни да се израдуваат со онаа обединувачка радост што ја носи спортот, посебно ракометот и оваа репрезентација која некако успева да се избори да го задржи континуитетот во настапот на европските и светските првенства, па и некако да ја подгрее желбата да се случи чудо секој јануари одново и одново, од натпревар во натпревар.
А, богами, ќе ни треба и божјо чудо и ракометно лудило овој јануари, на вкупно 16-от настап на најуспешната македонска репрезентација на големите натпреварувања, 13-ти во серија… Второ европско од последните три јануарски настапи на македонската репрезентација на ЕП и СП со Кире Лазаров како селектор, седмо европско по ред во последните 12 години…
2.Зошто е посебен 16 јануари?
Македонија овој јануарски настап на ЕП 2024 го отвора како дел од големиот ракометен спектакл на фудбалски терен на стадионот „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф, во историски натпревар пред, како што е најавено, над 50.000 гледачи. И тоа против Франција. Дури и некој што не знае ни „р“ од ракомет, знае дека тоа е најтрофејната ракометна репрезентација на планетава. Франција има своја „формација“ и останува на врвот без разлика дали се менуваат селектори или од сцената заминуваат великани како Ричардсон, Омејер или сега Никола Карабатиќ…И, без исклучок, секогаш е „страшен противник“.
Поголем притисок, но и предизвик и за играчите и за селекторот – здравје!
Или аврио (утре) што би рекле нашите јужни соседи со кои се изнаигравме пред ова ЕП…А, датумски пак попрецизно – метаврио (задутре) во Дизелдорф.
По спектаклот на отворањето на ЕП во Дизелдорф со Франција, следува преселба на македонската репрезентација сосе „фалангата“ во Берлин и четири дена потоа, на 14 јануари, следува – Германија.
Уште еден од „големите“ на големата ракометна сцена, овој пат плус и домаќин на шампионатот. И уште еден голем предизвик за Кире Лазаров и за неговите избраници на овој европски шампионат. Без разлика кој игра, а кој не игра, дали некој се пензионирал или скинал лигаменти, Германија е Германија! Фаворит во овој дуел, тука нема дилема, и сигурно, еден од фаворитите на медал на европското на домашен терен.
Со години наназад 16-ти е еден од оние посебни датуми во јануари, особено за Кире Лазаров. Овој јануари тоа е датум на кој Македонија го игра последниот натревар во групата од прелиминарната фаза на ЕП 2024 против Швајцарија, условно најлесниот од трите тешки противници во групата. Ако и воопшто може да употреби таа придавка на ова европско ракометно првенство. Иако бројките со голови пред запирката, зад имињата на шавајцарските репрезентативци не се занемарлив податок, колку и да звучи алибно, сепак останува впечатокот дека токму тој меч со Швајцарија ќе биде оној финален потег со четката што ќе оформи сликата за македонската репрезентација ова Европско првенство. И генералната оценка за настапот, но и за иднината на оваа репрезентација и на ова водство од клупата.
3.„Тројката“ на црвената линија
Без разлика дали јавно и официјално ќе се исцрта црвената линија што ги дели успехот и неуспехот или и годинава таа ќе биде наменски растеглива, можеби, без разлика и на резултатите на семафорот, иако со она божјо чудо од почетокот се молиме да светне нешто позитивно колку и да е нереално, на ова ЕП важен ќе биде настапот, играта, главата и опашката и односот во и околу репрезентацијата.
Ако е направен чекор напред кон иднината – ќе се види.
Ако тапкаме во место и се враќаме два напред-три назад со приказни за младост и собирање искуство, за она „битно учествуваме“ што ако летаме на едно крило, за нулите и пешкири, за добрите и лошите проекти, за изборот што е тој и за Супер лигата што за жал не е Бундес… – и тоа ќе се види на терен.
Може на прва и на втора и да помине некако. На трета и за тоа ќе треба некое „божјо чудо“.
И, да. Македонија годинава, прв пат по 2014, ќе игра на три европски првенства со сите три машки ракометни селекции – сениорите на ЕП во Германија, младинците на ЕП во Словенија и последно кадетите на ЕП во Црна Гора.
Дали е „божјо чудо“ или земна работа и можеби некоја „генетска предиспозиција“ , битно Македонија сѐ уште има таленти за ракометна иднина. И тоа е таа позитива на 2024 што ја подгрева желбата и надежта и некогаш, онака по наше македонско, ја поткрева и над реалноста.
Среќно момци!