Силвио Ивандија е новиот тренер на женскиот ракометен клуб Локомотива Загреб, а од клубот веднаш најавија борба за трофеи во новата сезона.
Ивандија (60), поранешен хрватски репрезентативец, претходно како тренер ги водеше екипите на Загреб и Сесвете, а сега стана тренер на женскиот клуб од Загреб каде што настапува македонската репрезентативка Андреа Седлоска.
Тој не бега од високите очекувања, но и од одговорноста што ја носи водењето на еден трофеен клуб.
„Среќен сум што ја преземам Локомотива, тоа е голема одговорност и обврска, и се надевам дека ќе успеам да го пренесам својот ентузијазам на целиот клуб и на екипата. Се надевам дека клубот во наредниот период ќе направи чекор напред што ќе ги задоволи и клупските и моите лични амбиции. Сакам да играме модерен, брз и напаѓачки ракомет, со дисциплина во тимот. Со силна одбрана и брзи контри, мора да поработиме и на нападот против поставена одбрана. Стела и Паула Посавец веќе ги водев во младинската репрезентација и со нив двете амбициите ни растат. Сонуваат и за освојување трофеи“, изјави Ивандија.
Во претходната сезона, Локомотива заврши на второто место во лигата, зад Подравка Вегета, која го победи тимот од Загреб и во финалето на Купот на Хрватска. Поради тоа, раководството на клубот одлучи да направи реконструкција на тимот — доведен е нов тренер и повеќе нови ракометарки.
Најавени се уште неколку засилувања: пивотот Жана Булатовиќ од Осиек, Татјана Шутранова, репрезентативка на Словачка, и Дуња Табак, српска репрезентативка – двете играат на левата бековска позиција.