Ракометната сцена во Македонија ќе биде побогата за уште еден машки клуб – се роди РК Феникс. Според податоците од Централниот Регистар на Македонија, клубот го доби решението за регистрација на 24 март, а меѓу основачите има познати имиња.
Покрај Игор Соколов и Љупчо Ѓорѓиев, меѓу основачите запишани во Централен Регистар се и Спасе Ѓорѓиев, актуелен тренер на Радовиш, Александар Долдуров, некогашен ракометар и тренер на радовишани, како и капитенот на клубот, Здравко Постолов.
Имињата на ракометните работници кои се меѓу основачите се гаранција дека се работи за сериозен проект, за кој допрва ќе бидат познати амбициите и начинот на функционирање.
Целосното име на клубот од Радовиш е ЗСРК Феникс Хандбол, и нема никаква конекција со клубот од Битола, кој се вика Феникс АМС. Основач на битолскиот клуб е некогашниот селектор на женската кадетска репрезентација на Македонија, Николче Костовски, но последен пат овој клуб играше во натпреварувањата под капата на РФМ во 2022 година.
Покрај Радовиш, кој оваа сезона се бори за опстанок во елитното друштво, овој град добива уште еден клуб, што сигурно ќе го најде своето место на сцената.

























