Се повторува приказната „Кос“ во Загреб

Ракометарите на Загреб ги започнаа подготовките за новата сезона, но не во целосен состав како што посакуваа.

Во тимот недостасуваат најавените засилувања – Дијано Ќешко и Филип Одак. Причината е административна – сè уште не се добиени потребните документи од клубот Извиѓач од Љубушки, па нивното доаѓање во овој момент е неизвесно.

Во Загреб не сакаат премногу да чекаат.

„Мораме да продолжиме понатаму и не можеме до бескрај да очекуваме дали трансферите ќе се реализираат или не,“ велат од клубот за „Спортске Новости“.

Иако не е сигурно дека Ќешко и Одак би биле веднаш засилувања за Лигата на шампиони, факт е дека станува збор за таленти кои претставуваат перспектива не само за Загреб, туку и за целокупниот хрватски ракомет.

Ситуацијата наликува на онаа со Милош Кос од пред неколку сезони, кога на крајот трансферот пропадна, а клубот го извлече подебелиот крај.

Тренерот Андрија Николиќ ќе треба да смисли напад без Тимур Дибиров и Звонимир Срна кои веќе не се дел од клубот, и секако да ја надомести потребата од играч во одбрана на Срна.

Загреб е еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.