Не беше пријатна сликата во „Веспрем Арена“ кога кон крајот на првиот дел од мечот меѓу Веспрем и Спортинг Лисабон, се онесвести данскиот судија Јеспер Мадсен.
Тој беше изнесен на носилки од теренот и веднаш беше префрлен во болница, но за среќа не се случи ништо сериозно и денеска се врати во татковината.
„Се чувствував добро пред мечот, но одненадеж пред падот имав чувство во главата како во моментите кога стануваш пребрзо“, вели Мадсен за ТВ2.
Тој објасни дека вакво нешто досега не му се случило.
„Направив ЕКГ на срцето, го проверив шеќерот во крвта и крвниот притисок. Единствено што открија е дека притисокот ми е малку превисок. Ќе направам контрола кај мојот лекар во Данска за да видиме дали можеме да откриеме зошто се случи ова. Секако, тоа не смее да се случи и секако мора да се истражи дали има нешто“, продолжи Мадсен.
Данецот потенцираше дека телефонот се вжештил и добил многу пораки со поддршка.
„Ние сме во позиција кога навивачите не секогаш мислат дека сме најдобри, но навивачите од двата тима ми пишаа на социјалните мрежи дека ми посакуваат се најдобро. Едноставно е прекрасно да почувствуваш дека си дел од големото ракометното семејство“, вели Мадсен.
Мадсен и неговиот партнер Мадс Хансен треба да го судат натпреварот од данскиот шампионат меѓу Холстебро и Скјерн кој е закажан за следниот четврток, но дополнително ќе биде потврдено дали ќе го одработат овој меч.
📷 Шок во Веспрем: Дански судија се онесвести среде меч, итно пренесен во болница!