Еден од ракометарите кои што отскокнува во младинската лига е членот на Прилеп, Ангел Крстески, кој паралелно настапува и за сениорскиот тим.
Младиот ракометар на 12 натпревари во младинската конкуренција има постигна 69 погодоци и сигурно во вториот дел од натпреварувачката сезона 2023/24 ќе стигне до фамозната бројка од „100“.
Средниот бек вели дека неговиот тим можел многу повеќе отколку што покажа во есенската полусезона.
„Не сум задоволен многу од постигнатото во регуларниот дел од сезоната во Супер лигата, имавме големи очекувања пред стартот на првенството, но не успеавме да ги оствариме зацртаните цели, можевме многу повеќе. Лично сум задоволен од мојот настап во Супер лигата, но секогаш може подобро. Јас сум меѓу најмладите во сениорскиот тим и тоа не ми создава притисок, напротив, ме мотивира уште повеќе да напредувам и да се подобрувам. Најголем впечаток од играта на мојот клуб ми остави првиот дуел со Бутел Скопје, но и дуелот во Купот против Јехона, на тој дуел имав најголема ангажираност, односно минутажа”, изјави Крстески.
Тренинзите и настапите со сениорскиот тим се од голема помош за младиот среден бек.
„Тренинзите со сениорите и настапите во Супер лигата многу ми помагаат да си го покажам својот квалитет во младинската лига, како и да научам нови работи и да се подобрувам на секој дел од играта. Најважно за еден млад ракометар е да има минутажа во својот тим, но исто така важна ѐ и напорна работа и вложување голем труд. Големо задоволство е да се работи со искусен и добар тренер како што е Божидар Мојсов. Тој ми помага да се подобрувам во одбрана, но и на позицијата среден бек и усовршување на позицијата десно крило и на левата рака”, вели Крстески.
18-годишниот ракометар за вториот дел од сезоната очекува Прилеп да избори опстанок во најсилното натпреварување во Македонија и во суперлативи зборува за условите во клубот како идеално место за млади ракометари.
„Очекуваме опстанок во Супер лигата, подобар пристап и многу подобри резултати од првата полусезона. Многу сум задоволен од условите кои ги нуди Прилеп. Во клубот има одлични услови за унапредување на млади ракометари и клубот се натпреварува во сите категории, од најмала до највозрасна. Секако дека се гледам како потенцијален репрезентативец во младинската репрезентација, но потребно е уште многу работа и труд за да ја надминам конкуренцијата и да бидам дел од репрезентацијата”, додаде Крстески.
Иако настапува на позиција среден бек, младиот Крстески може да игра и на позиција десно крило.
,,Многу е комплицирано да се биде организатор, а истовремено и реализатор, но јас мислам дека лесно се снаоѓам на позицијата среден бек и за мене поголем предизвик претставува позицијата десно крило. Сепак се надевам дека уште повеќе ќе се усовршам на двете позиции и ќе можам да играм без никакви потешкотии”, заврши Крстески.
Прилеп во плеј-аут фазата ќе игра заедно со Скопје, Куманово, Еурофарм Пелистер 2, Вардар Неготино, Голден Арт, Мулти Есенс и Аеродром.