Црногорскиот првак Будуќност, државен проект, во минатото имаше проблеми, финансиски или кадровски, но секогаш успеваше да застане на здрави нозе.
Очигледно ова лето нема да донесе ништо добро. Откако компанијата „Бемакс“, главниот спонзор го заврши договорот по три сезони, стигна непријатна вест и од ЕХФ.
Будуќност мора да ги исплати сите долгови кон Милена Раичевиќ, која го доби спорот со матичниот клуб. Таа го тужеше Будуќност за тоа што не ја плаќал додека беше на породилно отсуство, а ако не ги добие парите во рокот, следува суспензија за црногорскиот првак.
Ростерот за новата сезона веќе одамна беше формиран, беа договорени пет странски засилувања, како и камбек на три Црногорки – Јауковиќ, Деспотовиќ и Булатовиќ…
Денеска рускиот „Брз Центар“ објави дека тренерот на тимот, Бојана Поповиќ, заминува од функцијата, а една од ракометарките што беше веќе промовирана, нема да заигра во Подгорица.
Русинката Валерија Кирдашева ќе се пресели во романскиот тим Глорија Бистрица, а наскоро се очекува нејзиниот пример да го следат и останатите ракометарки.
Дали ќе има комплетен егзодус или државата одново ќе застане зад Будуќност, останува да видиме…