Се ближат кон амбисот: Ако не најдат 2 милиони евра, в понеделник ќе прогласат банкрот!

Трикратниот европски шампион Вајперс Кристијансанд доживува тешки моменти. Во драматичното соопштение објавено од страна клубот се вели дека ако клубот до петок не наде 2 милиони евра, тогаш в понеделник ќе стави клуч на врата, односно ќе прогласи банкрот.

Норвешкиот првак веќе подолго време има финансиски проблеми и некако успеваше да се спаси, но веројатно сега е дојдено до точка од која нема назад.

„Сега сме во ситуација во која нема да можеме да ги исплатиме платите на сите во клубот до петок. Затоа заедно со бордот го одредивме петок како последна шанса“, вели директорот Петер Дитмарк.

На Вајперс Кристијансанд сезонава не му цветаат рози во Лигата на шампионите и по пет одиграни кола, норвешкиот тим се наоѓа на шестото место во групата со една победа, едно реми и три порази.

Ако се оствари најцрното сценарио, тогаш и ЕХФ ќе биде во проблеми, па сезоната во елитната конкуренција ќе биде со еден тим помалку.

Тоа може да биде шанса за амбициозните европски клубови да донесат ракометарки од типот на Силје Солберг, Катрине Лунде, Јана Кнедликова, Луис Абинг, Јамина Робертс…но тие сепак нема да може да играат во друг клуб од ЛШ, затоа што веќе настапуваа сезонава за Вајперс.