Младите македонски арбитри Дамјан Савиќ и Марко Огњановски, се најдоа само на уште еден чекор до ЕХФ значка.
Тие двајца беа дел од програмата на ЕХФ за млади судии и успешно ги завршија сите настани на кои беа делегирани, меѓу кои беше и последниот „Локомотива Куп“ во босанскиот град Брчко – турнир во млади категории кој е во календарот на ЕХФ.
Савиќ и Огњановски претходно судеа на Универзитетските игри во Полска и на Европското отворено првенство за играчи до 17 години и успешно го трасираат патот кон добивање на ЕХФ значка во иднина.
По сите овие настани, Савиќ и Огњановски добија значка за млади судии. Сега останува само на Ракометната федерација на Македонија да го пријави младиот пар во ЕХФ, а европската куќа на ракометот ќе одлучи на кој од следните настани Савиќ и Огњановски ќе можат да полагаат за ЕХФ значка.
Македонија веќе има шест пара со ЕХФ значка – Николов/Начевски, Божиновски/Начевски, Илиевски/Илиевски, Митревски/Тодоровски, Металари/Николовски и Карбеска/Илиева, додека Јашар и Капсарева исто така беа дел од програмата на ЕХФ за млади судии.