Сандер Сагосен пред камбек во Алборг?

Според информациите на „RTH Handball“, еден од најдобрите ракометари Сандер Сагосен би можел да се врати во данскиот шампион Алборг.

Искусниот Норвежанец пред две сезони од Кил направи камбек во својата татковина и ги засили редовите на амбициозниот Колстад.

Како што е познато, Колстад одреден временски период имаше финансиски проблеми, а Сагосен беше еден од ракометарите кои прифати да игра за помала плата.

Откако беше надмината кризата, раководството на Колстад и Сагосен се договорија на нова соработка, до 2027, па така Алборг ќе мора да плати голема оштета за универзалниот бек.

Актуелниот шампион на Норвешка во дебитанскиот настап во Лигата на шампионите не успеа да направи забележителни резултати, а во оваа сезона игра топло-ладно.

Во Алборг следната сезона ќе пристигне актуелниот член на Рајн Некар, Јури Кнор, додека Сагосен би играл на местото на Алекс Влах. Во ракометните кругови се шпекулира дека Словенецот ќе се пресели во Келце.

Сагосен дресот на Алборг го носеше на стартот на неговата кариера, во сезона 2014/15 и 2015/16, потоа следуваше трансферот во ПСЖ, додека од сезона 2019/20 до 2022/23 беше член на Кил.