Младинците денеска освоија голем бод во битката со Хрватска, 24-24, иако беа практично во загубена позиција во вториот дел. Австрија немаше проблеми против Црна Гора, успеа да победи со 34-18 и сега е јасно дека битката за првата позиција ќе ја имаме во директен дуел со нив в сабота.
Ако ја победи Австрија, нашата репрезентација ќе го освои првото место и ќе се пласира во главната рунда заедно со првопласираните селекции од групите Б и Ц, како и со најдобрата второпласирана селекција од второпласираните од групите Д, Е и Ф.
Ако ремизира со Австрија, Македонија ќе биде сигурно втора во групата А, тогаш ќе почне пребројувањето со второпласираните од групите Б и Ц, но јасно е дека нашите младинците нема да бидат најдобри меѓу второпласираните.
Во групата Б, Франција ги совлада Фарски Острови со 34-31 и ќе има лесна задача против отпишаната Швајцарија во последното коло, но нема да има добра гол-разлика, па фаворит за последното место што води во ТОП 8 ќе биде второпласираната од групата Ц.
Таму втора ќе биде Германија или Португалија, кои веќе имаат две победи, односно по четири бода и одлична гол-разлика. Меѓу овие две селекции ќе се бара последниот патник во главната рунда од сегментот А, Б и Ц.
Ако загуби од Австрија, Македонија може да биде втора или трета, во зависност од тоа дали и со колку гола Хрватска ќе ја победи Црна Гора, но сигурно нема да биде најдобра втора од сегментот на А, Б и Ц групите што гарантира место во ТОП 8, па ќе разигрува за пласман од 9 до 16 место.
Натпреварот меѓу Македонија и Австрија се игра в сабота со почеток во 14:20 часот.