Mакедонија и Романија денеска ќе играат седми пат на официјален натпревар, но првпат на неутрален терен и првпат на големо натпреварување.
Десниот бек на Романија, Јонут Станеску, зборуваше по поразите од Португалија и Данска и најави дека неговата репрезентација ќе оди на победа против Македонија.
„Многу ни е жал што ги загубивме првите два натпревари, но тоа е спортот. Мора да го задржиме она што го направивме добро во тие мечеви и да го гледаме како искуство. Во исто време, мора да ги коригираме грешките, тоа е единствениот начин да напредуваме и да станеме подобри. Турнирот сè уште не е завршен за нас. Имаме уште еден натпревар и сакаме да го добиеме. Тоа би била важна победа на ЕП, но и значаен чекор за подобра позиција во квалификациите за Светското првенство. Интересно е што меѓусебниот скор е 3-3, но ние не размислуваме за такви работи. Само сакаме да излеземе на терен и да го покажеме најдоброто, да бидеме скромни и да се обидеме да победиме“, изјави Станеску.
Македонија и Романија ќе играат вечерва во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг од 18:00 часот.
























