По двете победи на стартот на Супер лигата, против Радовиш и против Бутел Скопје, ракометарите на Охрид ги очекува незгодно гостување кај Прилеп.
Левиот бек Рудолф Сафранко е задоволен од двете претходни средби и освоените четири бода на стартот на Супер лигата.
„Мислам дека во Радовиш одработивме еден солиден меч направивме се според планот, додека против Бутел имавме премногу технички грешки и премногу неискористени шанси, тоа се одрази на резултатот, но на крајот победивме како што очекувавме“, вели Сафранко.
Хрватскиот интернационалец вели дека домаќинот во никој случај не смее да се потцени.
„Прилеп го анализиравме, добра и млада екипа, имаат еден опасен шутер на кој теба посебно да внимаваме. Не смее никако да ги потцениме, и како и секогаш одиме да освоиме бодови таму“, заврши Сафранко.
Десниот бек Никола Јукиќ смета дека секогаш може подобро.
„Имаме две победи, важни бодови, иако секогаш може подобро и кон тоа се стремиме. Прилеп е добра и организирана екипа, имаат добра полуконтра, но ако ние сработиме се што тренерот бара од нас, тогаш не би требало да имаме проблеми“, изјави Јукиќ.
Натпреварот меѓу Прилеп и Охрид се игра во спортската сала „Р.Р.Ричко“ в сабота со почеток во 18:00 часот.