Охрид играше колку што беше потребно да ги освои бодовите, и да ја подига формата пред следнио тмеч од Купот на ЕХФ, а во „Билјанини Извори“ пред домашна публика „падна“ Прилеп кој беше поразен со 28-17 (14-11). За домаќините дебитираа Вуко Борозан и Џанфранко Прибетиќ кои зимава го засилија тимот, и двајцата се впишаа во листата на стрелците.
Прилепчани свесни за својата аутсајдерска улога немаа што да загубат па многу поопуштено играа, и тоа им донесе водство на почетокот од средбата од 3-1 во 4 минута. Тоа како да ги „разлути“ доашните и за девет минути имаа пресврт и сигурно водство од 8-3. Иако Охрид имаше предност од „плус 5“ во 16 минута тренерот Ројевиќ бара тајмаут. Највисоката предност Охрид ја има во 24 минута кога водеше со 14-8. Свесни дека немаат сериозен ривал кој може да им направи проблем, домашните малку „ја нагазија топката“ почнаа иизмени во составот и тоа им овозможи на гостите да намалат на 14-11 на полувреме. Но, иако имаше само три гола предност, беше јасно дека „сините“ ќе бидат победници.
Охрид останува меѓу четирите најдобри тимови, и сега привремено е втор на табелата со 31 бод, три помалку од Вардар. Но, „гладијаторите“ имаат меч повеќе во однос на конкурентите од врвот. Ќе го чекаат мечот на Вардар во следното коло по што ќе знаат дали можат да стартуваат како третопласирани во плејофот.
Прилепските ракометари се уште живеат во надеж дека можат „во 5 до 12“ да фатат приклучок во плејофот, иако загубија сега. Им остануваат уште три кола, и се ќе зависи од нив, но и од другите екипи кои се борат за влез меѓу најдобрите шест. Заостануваат за Еурофарм Пелистер 2, Бител и Тиквеш кои имаат и меч помалку. Но, се до последното коло (има уште три до крај на регуларниот дел) ќе биде неизвесно.
Второто полувреме не донесе неизвесност, а кога новакот Прибетиќ во 47 минута го постигна својот прв гола, а потоа и голнанот Пилиповиќ постигна погодок, гостинскиот тренер Танески мораше да реагира. Предност од 22-15 за Охрид беше сериозна, но гостите сакаа барем да бидат рамниправни со играта, и да не дозволат примање на лесни голови.
Во 53 минута првпат се „раситни“ десетката кога Ојлески од пенал зголеми на 25-15. До крај неизвесно беше само колкава ќе биде разликата.
Кај домаќините Гоце Ојлески даде 8 гола, а четири постигна Тилен Стрмљан. Во гостинскиот табор пет пати погоди Томислав Квастек, а по трипати Владан Кастратовиќ и Денис Шабановиќ.
Голманот Кристијан Пилиповиќ имаше 11 одбрани и еден постигнат гол.
























