Русија и Белорусија се враќаат на ракометните терени!

Меѓународна ракометна федерација направи значаен чекор кон враќање на Русија и Белорусија на меѓународната сцена, дозволувајќи им настап на младинските селекции, но под строги услови.

Одлуката е донесена по состанокот на Советот на ИХФ, каде што беше усвоена одлуката за реинтеграција на овие селекции.

Според новите правила, пионерските, кадетските и младинските репрезентации ќе можат да играат пријателски натпревари и турнири, и тоа во земји каде што нема ограничувања. Сепак, учеството во официјални натпреварувања и понатаму останува забрането.

Еден од клучните услови е сите играчи, тренери и членови на стручниот штаб да потпишат изјава дека немаат никаква поврзаност со воени или безбедносни структури, ниту пак се вклучени во актуелни конфликти.

Останатите санкции, воведени во 2022 година, и понатаму остануваат во сила, што значи дека сениорските селекции сè уште се далеку од враќање на големата сцена.

Оваа одлука доаѓа и по препораките на МОК, кој нагласи дека младите спортисти не треба да бидат ограничени во својата спортска кариера. Следниот состанок на ИХФ е закажан за 6 мај, кога ќе се дискутираат можните следни чекори, вклучително и потенцијално пошироко враќање на овие репрезентации.

Иако вратите се подотворени, јасно е дека враќањето на Русија и Белорусија ќе оди чекор по чекор и под будното око на меѓународната заедница.

Сите младински машки селекции би можеле најрано во 2027 да бидат вклучени во системот на квалификации, додека женските младински селекции во 2028. Во сениорска конкуренција, мажите би можеле најрано да се вратат на големите натпреварувања во СП 2029, со оглед на тоа што веќе се знаат учесниците во квалификациите за ЕП 2028, додека кај дамите постои шанса да влезат во квалификациите за ЕП 2028. Сето ова ќе важи само ако Извршниот комитет на ЕХФ го потврди на следниот состанок, а дотогаш остануваат на сила претходните санкции.