Русија и Белорусија би можеле да се вратат на големата сцена во 2026!

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) планира да ги врати националните репрезентации на Русија и Белорусија во меѓународни натпреварувања, најави претседателот Хасан Мустафа.

Досега, репрезентациите и клубовите од двете земји беа оддалечени од глобалната сцена поради санкциите воведени во 2022 година. Планот за реинтеграција доаѓа по подолг период на ограничувања, но Мустафа потенцира дека забраната на учество ќе остане на сила додека не се исполнат сите услови за враќање.

Интернационалниот Олимписки Комитет им дозволи на сите кадетски и младински селекции на Белорусија и Русија веќе од 2026 да играат на големите турнири, со химна и со знаме, а што ќе се случува со сениорските ќе биде познато по ИХФ конгресот идниот викенд во Каиро.

Овој потег на ИХФ ги става Русија и Белорусија на пат кон можен настап на големите турнири, вклучувајќи подготвителни натпревари и потенцијално квалификации за континентални и светски шампионати од 2026 година натаму. Дотогаш, репрезентациите остануваат отстранети од официјалните натпреварувања, но планот за нивно враќање го отвора прашањето околу идниот статус на овие тимови и нивното учество на највисокото ниво во ракометот.