Шпанскиот стратег Рубен Гарабаја не е повеќе тренер на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер. По поразот од Загреб во Лигата на шампионите, Гарабаја си поднесе оставка, па на денешната средба од Супер лигата, нема да седи на клупата на пелистерци.
„Сакам да потенцирам дека по натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од амбиентот. Очекував реакција во Загреб, но со оглед на тоа што таа реакција не дојде, се одлучив да ја понудам мојата оставка. Сметам дека мое заминување во овој момент ќе предизвика позитивна реакција кај тимот и ракометарите. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, со кои имам одличен однос, и да им посакам успех во продолжение на сезоната. Голема благодарност до клубот за ова мое искуство и многу среќа во иднина, изјави Гарабаја.
Гарабаја дојде во Битола ова лето на местото на друг Шпанец – Раул Алонсо, и тргна одлично и на домашна и на меѓународна сцена, освојувајќи досега 4 бода во Лигата на шампионите, а можеше барем уште два да освои.
Но последните две средби – против „сино-белите“ од Автокоманда на која битолчани водеа со седум гола, а освоија само бод и онаа во Загреб, на која исто така имаа одличен старт, а загубија со пет гола, беа клучни за неговото заминување.
Еурофарм Пелистер го чекаат важни две недели во Супер лигата и дерби пресметката со Вардар на домашен терен во Битола. Покрај дуелот со големиот ривал на домашен терен, пелистерци ќе се соочат со Струга и Тиквеш исто така дома, но ќе имаат и тешко гостување кај Охрид.

























