По разочарувањето на крајот од минатата сезона кога не успеа да избори пласман во европските купови, женскиот ракометен тим на Крајова сериозно се засилува со цел во новата сезона да се врати на континенталната сцена.
Најголемо внимание привлекува последното засилување – Валентина Ерика Бодијар, 18-годишната ракометарка која веќе го носи епитетот „новата Кристина Неагу“.
Таа доаѓа од тимот на Рапид Букурешт, каде што настапуваше како лев бек, и е лидер на младинската репрезентација на Романија. На последниот завршен турнир за младинки постигна импресивни 53 гола и беше прогласена за МВП на турнирот.
„Прекарот ‘новата Кристина Неагу’ не е случаен. Валентина Ерика Бодијар е нашето ново засилување и веќе импресионира и на домашната и на меѓународната сцена. ѝ посакуваме многу успех, незаборавни натпревари и што повеќе голови во сино-белиот дрес,“ објавија од клубот.
Бодијар, која е родум од Плоешти, вели дека и се восхитува на Неагу.
„Се огледувам на Кристина Неагу, и се восхитувам и ја сметам за идол на сите млади спортистки. Иако често сум уморна, успевам да го усогласам училишниот живот со спортот. Во викендите, ако немаме натпревари, сакам да се вратам дома кај семејството. Благодарна сум што училиштето има разбирање за нашите обврски. На тренинг сум секојдневно по два часа, а и навечер одам во сала за вежбање, знам дека како спортисти мораме да работиме дополнително“, вели Бодијар.
Покрај Бодијар, Крајова за новата сезона ги ангажираше Наталија Носек, Ивона Павичевиќ, Алисија Гогирла, Аиона Ернандез и Марина Рајчиќ.
Крајова амбициозно ја гради екипата за новата сезона и со вакви имиња најавува сериозна борба за трофеи и враќање на меѓународната сцена.