Ракометарите на Охрид одиграа нерешено со „сино-белите“ од Автокоманда, 27-27, и останаа на третото место на табелата со 40 бодови.
Тренерот на „гладијаторите“, Борис Ројевиќ, потенцираше дека ваквите натпревари придонесуваат за развојот на лигата.
„Ваквите натпревари го подигнуваат нивото на натпреварување и придонесуваат за развојот на лигата. Важно е да се истакне дека за македонската репрезентација многу важни се македонските играчи, но исто така и квалитетните странски играчи кои го подигнуваат нивото на лигата и придонесуваат за напредокот на македонските репрезентативци. Сметам дека тој баланс е добар за лигата и помага да се постигнуваат подобри европски резултати на клубовите кои ја претставуваат Македонија“, изјави Ројевиќ за „Оhridnews“.
Гостите реагираа на арбитражата и упатија официјална жалба.
„И честитам на гостинската екипа за добриот и коректен натпревар, како и на моите играчи. Посебно сакам да ги пофалам за второто полувреме, каде што покажаа голема борба и карактер и дадоа сè од себе. Во првото полувреме бевме малку во грч и не го дадовме нашиот максимум, но реакцијата на екипата по паузата беше добра и мислам дека во тој дел од натпреварот бевме поблиску до победата. Одиме понатаму, сега се насочуваме кон следниот предизвик и подготовката за натпреварот против Олимпијакос, што е историски момент за нашиот клуб“, заврши Ројевиќ.
По репрезентативната пауза, Охрид го очекува четвртфиналниот двомеч со грчкиот Олимпијакос во ЕХФ Европскиот Куп.























