„Гладијаторите“ од Охрид го најавуваат едно од најамбициозните поглавја во поновата историја на клубот. Со значајни вложувања во летниот преоден рок и неколку квалитетни странски ракометари кои го засилија ростерот, Охрид испраќа сериозна порака дека ќе биде конкурентен за самиот врв во новата сезона.
Најдобрите од минатата сезона останaа во клубот, а пристигнаа и неколку домашни засилувања. На клупата седна српскиот стратег Борис Ројевиќ, кој на почетокот од подготовките ја презема улогата на шеф на стручниот штаб со задача да ја изгради новата хемија во тимот.
Ројевиќ не го крие задоволството од почетокот на процесот и ангажманот на играчите, но истовремено укажува дека е потребно време за тимот да се воигра.
„Навистина сум презадоволен од почетокот, како работат момците, од залагањето, од односот на сите во клубот и имам само зборови на благодарност. Фокусот е на нас. Имаме нова екипа ќе ни треба малку повеќе време да се воиграме, но ќе гледаме што побрзо да влеземе во форма и што порано да даваме добри партии. Нашите реални амбиции се да дадеме максимум за да бидеме што подобри. Ова е нова екипа, уште не сме одиграле натпревар за да видиме каков квалитет поседуваме и до каде сме. Сигурно дека ни треба време да видиме до каде сме, сигурно е дека наши амбиции се Охрид да почне да победува против најсилните екипи во Македонија“, изјави Ројевиќ.
Со ваков пристап и засилено ростер, Охрид влегува во сезоната како потенцијален фаворит од сенка и тим кој ќе се обиде да ги наруши позициите на традиционално водечките екипи како Еурофарм Пелистер и Вардар.