Ројевиќ: Имаме високи амбиции во ЕХФ Купот, уште на првиот меч да го решиме патникот понатаму

Ракометарите на Охрид оваа сезона покрај на домашната сцена, влегуваат со големи амбиции во ЕХФ Европскиот Куп.

Охриѓани ќе играат двомеч со азербејџанскиот Баку во второто коло, а тренерот Борис Ројевиќ ги сподели своите очекувања.

„Би ги повикал навивачите да дојдат и да не поддржат во голем број, тоа го заслужија овие момци со прикажаното овие два месеци. Имаме високи амбиции оваа сезона во ЕХФ Европскиот Куп и едвај ги чекаме натпреварите. Баку е непознаница за нас, но имаме некој материјал и успеавме да се подготвиме за овие дуели. Момците ќе бидат на високо ниво и сигурно ќе бидат мотивирани уште по првиот меч да го решат патникот во следното коло“, вели Ројевиќ.

Тој вели дека одбраната на тимот ќе биде главниот адут во текот на оваа сезона.

„Мислам дека сме поквалитетен тим, подобро работиме и се надевам дека одбраната ќе ни биде на ниво. Ова го работиме веќе два месеци, секако дека треба тоа да се склопи уште некое време, не оди ништо брзо, но од тренинг до тренинг и од меч во меч се гледа подобрување. Се надевам дека одбраната ќе не краси на овој двомеч и ќе ни гарантира пласман понатаму. Навивачите да веруваат во нас, а ние ќе им се оддолжиме со добри партии и ќе им донесеме многу радости оваа сезона во Охрид“, заврши Ројевиќ.

Двете средби меѓу Охрид и Баку ќе се играат на 11 и 12 октомври од 18:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.