„Ривалите ќе нѐ гледаат со други очи“

Македонија ја запиша првата победа во главната рунда на Мундијалот, па сега со четири бодови ќе биде најмалку петта во групата, односно во ТОП 20.

Селекторот Кирил Лазаров имаше своја анализа по мечот со Катар кој го добивме со 39-34 и вели дека ќе биде тешко да се задржат во фокусот ракометарите за последниот дуел.

„По овие резултати, со победничка атмосфера, ние како Македонци знаеме да се опуштиме по успех, сме покажале многу пати и многу ќе биде тешко да ги задржиме во овој фокус ракометарите. Нема да биде воопшто лесно, но тоа е работа на стручниот штаб. А, исто така и ривалите ќе нѐ гледаат со други очи. Сите репрезентации го имаат тој сладок проблем“, изјави Лазаров.

Селекторот потенцира дека во некои ситуации го плаќаме данокот на неискуството.

„Задоволен сум од сѐ што прикажавме досега, имаме да жалиме за некои работи, но тоа е данок на неискуството. И денеска во неколку ситуации пропуштивме да го решиме натпреварот, тоа е тоа неискуство на една помлада селекција, ако игравме со подобра репрезентација ќе го платевме данокот и токму затоа бев нервозен во одредени ситуации, затоа што треба да учиме“, продолжи Лазаров.

Тој ја искористи приликата да им се заблагодари на сите што се дел од настапот на Македонија на СП.

„Благодарност до медиумите и до цела јавност, до навивачите што се овде за ова СП, но треба да се одмориме малку и да го подготвиме натпреварот за в сабота, па да го дадеме нашето најдобро против една од најдобрите репрезентации во светот“, заврши Лазаров.

Следен предизвик за Македонија е натпреварот со Франција, што се игра в сабота во „Вараждин Арена“ со почеток во 20:30 часот.