Ристовски: Овие спортисти ја поставија Македонија високо на спортската мапа

Денеска во Владата на Македонија беа доделени националните признанија на успешните македонски спортисти.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, им доделија признанија на 22 македонски спортисти, кои освоија титула во најсилните натпреварувања.

Меѓу нив се и 17 ракометари и ракометарки кои славеа титули во Лигата на шампионите.

„Со огромна чест и задоволство денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски, им доделивме Национално признание за врвни достигнувања во спортот на најуспешните македонски спортисти. Ова признание е симбол на националната почит и поддршка за спортските вредности што ги градиме заедно. За првпат на едно место, им оддадовме признание на фудбалски, кошаркарски и ракометни легенди кои нè направија горди. Ова се спортисти кои со своите успеси ја радува нацијата и ја поставија Македонија високо на спортската мапа. Ова се остварувања кои досега не беа соодветно вреднувани, но овие македонски спортски великани дефинитивно заслужуваат да го носат највисокото Национално спортско признание! Да ги почитуваме вистинските вредности и спортистите кои ја направиле горда нашата Македонија!“, напиша Ристовски.

Ракометните херои и хероини добија државни признанија