Ристовска: Најголем акцент ставаме на Турција, но се подготвуваме и за другите ривали

Женската репрезентација на Македонија ги одработува последните подготовки за настапот на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија.

Една од најискусните во репрезентацијата на Македонија, Сара Ристовска, истакна дека атмосферата пред ЕП е одлична.

„Имаме една добра атмосфера, бидејќи поминуваме подолг временски период заедно, од собири до собири се чувствува таа блискост меѓу нас. Минатиот собир имавме одлични контролни натпревари во Романија, а овие два последни контролни натпревари, против Србија и Хрватска, ги искористивме за уште подобра подготовка пред ЕП”, изјави Ристовска.

Членката на Рапид Букурешт е оптимист за натпреварите на Македонија во Дебрецин, истакнувајќи дека најголем акцент ќе биде ставен на Турција, но ќе се даде сѐ од себе и против силните Шведска и Унгарија.

„Не треба никого да се потцени, на Европско првенство се репрезентации кои што покажале нешто квалитетно и добро. Ставаме акцент повеќе на Турција, но исто така  се подготвуваме за Шведска и Унгарија, мислам дека ќе бидат едни навистина добри три натпревари, се надевам дека ќе изненадиме и зошто да нѐ одиме понатаму”, вели Ристовска.

Македонија го отвора настапот на ЕП со натпревар против Шведска на 28 ноември, потоа на 30 ноември следува меч со Турција, додека на 2 декември ќе се соочиме со домаќинот Унгарија.

Мицевска: Сите знаеме зошто сме тука – ќе дадеме се од себе на ЕП