Женската репрезентација на Македонија од утре го стартува настапот на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Прв ривал на избраничките на Кристијан Грчевски ќе биде силната селекција на Шведска, а Сара Ристовска ги сподели очекувањата од настапот.
„Имавме добри подготовки пред ЕП и одигравме неколку пријателски средби каде што сфативме на кои сегменти во играта треба да поработиме, и во одбрана и во напад за да се подготвиме на најдобар можен начин за натпреварите на ЕП 2024“, изјави Ристовска.
Целта пред се е победа над дебитантот Турција.
„Мора да се фокусираме на следните три меча, особено на дуелот со Турција бидејќи знаеме колку значаен е тој и што носи евентуална победа. Се надевам дека ќе останеме дисциплинирани и фокусирани за да ја оствариме целта на овој турнир“, продолжи Ристовска.
Се уште трае процесот на смена на генерација во женскиот ракомет, но се повеќе млади играчи се вклучени во сениорската репрезентација.
„Се соочуваме со смена на генерацијата во последните неколку години и малку е тешко да го пренесеме нашето искуство на младите играчи, бидејќи тие прво треба да искусат некои работи на теренот, па потоа да можеме да го направиме тоа. Дефинитиво, младите играчи се на вистинскиот пат, бидејќи веќе играат за странски клубови“, продолжи Ристовска.
Прв ривал на Македонија ќе биде Шведска.
„Мечот со Шведска ќе биде тежок, бидејќи знаеме која е Шведска. Ќе се обидеме да се адаптираме и со смирена игра, која мислам дека не им одговара бидејќи сакаат да играат брзо. Ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од нас и да ги оставиме срцата на теренот. Верувам во мојот тим како капитен“, заврши Ристовска.
Натпреварот меѓу Македонија и Шведска се игра утре во „Феникс Арена“ во Дебрецин со почеток во 20:30 часот.