Екипата на ЦСКА Москва, во која настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, се наоѓа на чекор до пласман во полуфиналето од рускиот шампионат.
Составот предводен од Олга Акопјан за ривал во четвртфиналето го доби незгодниот тим на Ѕвезда Звенигород и успеа да победи на првиот натпревар со четири гола разлика, 30:26.
Некогашниот шампион на Европа на полувреме имаше минимална предност од 13:12, додека во вториот дел гостинките од Москва успеаја да го скршат отпорот на упорните домаќинки.
Голем удел во победата на ЦСКА Москва имаше токму Ристовска, која на денешниот натпревар не погреши ниту еднаш и зад своето име запиша четири погодоци.
Реванш дуелот меѓу двете екипи ќе се одигра за три денови, односно на 27 април.