Тимот на Аеродром славеше триумф на гостувањето кај Преспа во Ресен со 31-25 во натпревар од 18 коло во Првата лига.
И покрај одличната партија на домашниот ракометар Христијан Ристевски со 16 погодоци, сепак Преспа не можеше да стигне до позитивен резултат против аеродромци.
Гостите по петнаесетина минути водеа со 9-4 и најавија дека се дојдени по бодови, а на паузата беше плус шест за момците на Митко Стоилов, 17-11.
Во вториот дел тие рутински ја одработија задачата и немаа никакви проблеми да стигнат до двата бода.
Покрај Ристевски, во домашниот табор три гола даде Антоновски, додека Поповски со девет и Божиновски со шест беа најдобри кај Аеродром.
Аеродром сега има 18 бода на шестото место, додека Преспа останува на осум бодови на 11 место.
























