По европските обврски и двомечот со Дукла Прага, ракометарите на Охрид денеска се вратија во Македонија и веднаш се враќаат на домашните обврски.
Тие гостуваат кај Пролет во последниот дуел од регуларниот дел на Супер лигата, по што ќе бидат комплетирани 22 кола и викендов ќе почне плеј-офот.
Левото крило Никола Ристески ја најави пресметката со Пролет.
„По победата над Дукла Прага утре ни следува натпреварот против Пролет. Знаеме дека се незгодна екипа на домашен терен, затоа одиме максимално фокусирани да се вратиме среќни во Охрид“, изјави Ристески.
„Гладијаторите“ треба да слават на овој дуел за да пренесат 37 бодови во разигрувањето за титулата. Средбата се игра утре од 18:00 часот во салата „Македонско сонце“.
























