Ристеска е меч-винер, Деспина триумфираше во драмата во Струга

Тимот на Деспина славеше кај Стружанка со 27-26 во драматичниот натпревар од 13 коло во Првата женска лига.

Херој на прилепчанки беше левото крило Маја Ристеска, која беше стрелец на победничкиот гол на триесетина секунди до крајот.

Сега Деспина има 12 бода на четвртото место, додека Стружанка пропушти шанса да фати приклучок и ќе остане петта со осум бода.

Целиот меч беше израмнет, и двете екипи имаа свои моменти, но на крајот прилепчанки си заминаа со целиот плен.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мери Гичева со осум, како и Анастасија Јованоска и Магдалена Ѓорѓиоска со по пет гола.

Во составот на Стружанка, Маја Раткушиноска и Еџе Сејадин имаа по седум реализации.