Ракометарите на Струга во натпревар од 2. коло од плеј-оф фазата за ривал го имаат амбициозниот тим на Охрид.
Стружани во првото коло беа поразени на гостувањето во Кавадарци од Тиквеш, но до 50 минута беа повеќе од рамноправен противник.
Двете екипи се сретнаа во регуларниот дел од тековната сезона и на двата натпревари Струга пружи солиден отпор.
Голманот на Струга, Дејан Рикановиќ, ги истакна очекувањата за езерскиот двобој и се надева дека неговиот клуб ќе има добро издание.
,,Езерското дерби секогаш има некој посебен жар, па така натпреварите секогаш можат да бидат интересни и возбудливи. Ние се подготвуваме максимално за овој дуел, иако имаме здравствени проблеми во тимот, сепак, има млади играчи кои можат да одговорат на големиот предизвик и се надевам дека шансата ќе ја искористат на најдобар можен начин. Ќе дадеме сѐ од себе, се надевам на добра претстава, ќе се бориме да одиграме еден добар натпревар против ривалот, кој на овој дуел е фаворит и сигурно ќе има голема поддршка од трибините”, изјави Рикановиќ.
Натпреварот меѓу Охрид и Струга ќе се одигра в сабота (17 февруари) во СРЦ „Билјанини извори“ со почеток од 18:30 часот.