Ракометната федерација на Македонија од септември ќе има нов софтвер за регистрација, лиценцирање, водење статистика и записници на натпреварите од домашните шампионати.
Претседателот Александар Стефанов потврди дека тој треба да биде имплементиран на стартот на новата сезона, како од РФМ, така и од клубовите.
„Во фаза на потпишување на договор сме за нов софтвер за регистрација, лиценцирање, водење статистика и записник за националните натпреварувања „Toma Soft“. Истиот треба да биде имплементиран веќе на стартот на новата сезона, како од нас, така и од клубовите“, изјави првиот човек на македонската куќа на ракометот.
Генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски, ја потенцираше целта на имплентацијата на овој софтвер за клубовите.
„Ова е познат софтвер кој се користи во сите соседни земји – Романија, Словенија, Хрватска, Србија, како и од страна на ИХФ. Целта при имплементирањето е да ја олесниме и дигитализираме работата на федерацијата и клубовите. Зголемување на интересот на ракометот ќе има од помладите генерации, бидејќи ќе бидаат пренесувани сите резултати ќе бидат во живо водени на нашата веб-страна од сите категории. Ќе има детални статистики за сите ракометни параметри во Супер лигата, а сметаме дека така ќе се крене и интересот и ривалитетот на младите ракометари, да се докажуваат и напредуваат. Ќе има две обуки на крајот на овој месец и на крај на август, за да може да се започне во септември со користење.“, изјави Тасевски.