РФМ пресече по мечот во Охрид – Горан Минов казнет со 40.000 денари

Претседателот на скопскиот суперлигаш од Автокоманда, Горан Минов, е казнет со 40.000 денари по натпреварот во Охрид, откако Првостепената дисциплинска комисија при Ракометната федерација на Македонија донесе одлука за санкции по разгледување на целокупната документација од случајот.

Во образложението е наведено дека од службените лица била доставена дополнителна пријава за тешки навреди, директни закани, агресивно однесување и продолжено недолично постапување од страна на Горан Минов, а истото, според одлуката, било потврдено и во изјавата од натпреварот.

Покрај оваа санкција, казнети се и судиите Даниело Божиновски и Виктор Начевски, на кои им е изречена забрана за вршење функција во период од 30 дена. Во образложението стои дека, иако не биле утврдени материјални повреди на правилата на ракометната игра што директно влијаеле на конечниот резултат, сепак постоеле отстапувања од пропишаните судиски стандарди.

Дисциплинската комисија оценува дека санкцијата е донесена со цел зачувување на квалитетот и интегритетот на натпреварувањето. На крајот од одлуката е наведена и санкција за Славчо Ристески, член на управата на Охрид, кој е казнет со 25.000 денари.

„Трето полувреме“ во Охрид: Судиите го пријавиле претседателот на гостите!