Ракометната федерација на Македонија во пресрет на настапот на машката сениорска репрезентација на Европското првенство 2026 за првпат објави официјална електронска брошура посветена на македонското учество на континенталниот шампионат.
Е-брошурата претставува информативен водич за настапот на Македонија на Европското првенство, кое во јануари ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка, а македонската репрезентација своите натпревари ќе ги игра во Хернинг, Данска. Во неа се содржани информации за турнирот, групата, распоредот на натпреварите, арената, како и податоци поврзани со организацијата и атмосферата на првенството.
Посебно внимание е посветено на македонската репрезентација – нејзиниот континуитет на настапи на Европските првенства, историјата на учествата, како и претставување на играчите кои ќе ја претставуваат Македонија на ЕП 2026. Дел од изданието се и интервјуа со раководството на федерацијата, селекторот и репрезентативците, кои зборуваат за подготовките, очекувањата и значењето на овој настап.
Со оваа е-брошура, Ракометната федерација на Македонија за првпат воведува ваков формат пред настап на големо натпреварување, со цел навивачите и јавноста да добијат сеопфатна и официјална информација на едно место. Од федерацијата посочуваат дека вакви изданија имаат потенцијал да прераснат во традиција и во иднина, пред сите наредни меѓународни настапи на македонските репрезентации.
Е-брошурата е достапна за читање и преземање преку официјалните канали на Ракометната федерација на Македонија.
























